|
Труп на 59-годишна жена во распаѓање 10 дена по убиството пронајден е доцна синоќа во викенд куќа во туристичкото село Пештани во Охрид. Средновечната скопјанка Снежана Тодоровска била пронајдена во кадата во нејзината куќа кај црквата во центарот на селото каде ја оставил нејзиниот вонбрачен партнер, 55-годишниот Н.Љ. од Велес, откако ја убил удирајќи ја со тап предмет во главата, за што сведочат трагите на насилство.
Мотив за убиството најверојатно била претходна расправија меѓу двајцата љубовници. Откако ја оставил убиената Снежана во куќата во Пештани, каде тие повремено заедно престојувале, нејзиниот љубовник заминал за Велес каде се обидел да се самоубие, труејќи се со апчиња, по што сам го пријавил убиството. Осомничениот убиец се опоравува во велешката болница, а против него ќе биде покрената кривична постапка. Жителите на Пештани кои ја познавале Снежана како вдовица со две ќерки, беа вчудовидени од настанот. „Доаѓаше лете, инаку зиме поретко. Знам доаѓаше со ќерка му, со еден маж, а што му беше, како му беше, тоа не знам“. „Слаба беше, височка, мирна беше, мирна изгледаше. Не сме слушале расправии никогаш“, велат соседите. Во Пештани денеска се шпекулираше дека за грозоморното убиство на скопјанката Снежана, што допрва треба да се расветли и какво досега не се случило во овој крај, пресудна била љубомората на нејзиниот љубовник од Велес.
|