Дома Вести Македонија Регистрацијата ќе поевтини
|
|
Регистрацијата ќе поевтини |
|
Владата одлучи да го намали за 30 отсто задолжителното осигурување на моторните возила од автоодговорност при нивна регистрација. Од Министерството за финансии кое Владата го задолжи да ја спроведе одлуката, велат дека допрва ќе се утврдува висината на минималната и на максималната тарифа на осигурителната премија.
Оваа работа треба да ја спроведе Комисијата за задолжително осигурување на моторни возила од автоодговорност, составена од претставници на Министерството за финансии и на осигурителните друштва.
- Со намалувањето на премијата, Владата има намера да ги поттикне сопствениците на неосигурани возила кои се учесници во сообраќајот, да ги осигураат. Преку МВР пак, ќе се преземат мерки за намалување на бројот на нерегистрирани возила - вели Мартин Мартиновски, портпарол во Министерството за финансии.
Осигурителните компании се затечени од владината одлука, која треба да се реализира во наредните три до четири месеци. Некои од нив одбиваат да ја коментираат владината одлука бидејќи не знаат што содржи, а други оценуваат дека е рано да се расправа на таа тема. Ваквиот чекор од Владата го правдаат со фактот дека ќе се намалат давачките за граѓаните кои регистрираат возила, а од друга страна ќе опадне високата стапка на неосигурани возила, кои се учесници во сообраќајот.
Ирена Таневска, деловен координатор во Еуролинк осигурување вели дека нема да коментираат додека одлуката не стапи на сила. И Владимир Тошевски, генерален директор на Осигурителна полиса смета дека е неблагодарно да се зборува за нешто, пред да се види што предвидува владината одлука.
- Висината на премијата за осигурување од автоодговорност треба да се поткрепи врз основа на пресметки. Осигурителна полиса е дел од Националното биро за осигурување и заедно со другите членки ќе заземеме став по оваа одлука - ни изјави Тошевски.
Александар Николовски, специјалист во секторот за продажба и маркетинг во Инсиг осигурување вели дека ќе ја почитуваат одлуката на Владата за намалување на задолжителното осигурување. -Тоа е одлука која важи за сите осигурителни компании. Клиентите се тие кои одлучуваат во која компанија ќе го осигураат своето возило - ни рече Николовски.
|
|
|
|
|
|

|