Три непријатности за десетина дена му го нарушија спокојниот пензионерски живот на 75-годишниот Шабан Беќири од тетовската населба Тетекс. Рано утрово со осум куршума од пиштол изрешетан е локалот од неговата куќа, во кој е сместен штаб на ДУИ.
Пред една недела токму заради отворањето на штабот добивал телефонски закани, партијата да го напушти локалот. Бил претепан, одејќи на пат кон полицијата, каде бил повикан да го објасни инцидентот. „Пред да се упатам во полиција, излезе едно лице. Ме праша дали сум Шабан, јас одговорив, да. Ме праша дали сум го дал просторот под кирија. Реков, да. Ми рече да го вратам. Реков, јас сум сиромашен човек, треба да живеам“, изјави Шабан Беќири, жител на населба Тетекс. „Ако си го дал под кирија, ми рече, ние ќе ти дадеме кирија. Потоа ме удри два, три, четири пати и јас паднав. Потоа почна да ме удира со нозе, со раце, јас се бранев како што умеев. Се уште имам модрици“, вели Беќири. Еден од куршумите завршил и во соседната фризерница. Од ДУИ велат дека лесно ќе се пронајдат виновниците, бидејќи инцидентот е снимен со камера. Неофицијално, според снимката, пукањето врз нивниот штаб е извршено од бел „Голф“. Ова е деветти изрешетан штаб за само една недела во тетовско-гостиварскиот регион. ДПА денеска на прес-конференција објавија видео-снимки и фотографии на кои се гледа како гостиварскиот градоначалник Невзат Бејта позира вадејќи пиштол покрај неколку други мажи. „Шокантно, застрашувачки и деградирачки е како еден близок соработник на Али Ахмети го вади оружјето, пука, а од друга страна тие плачат кај меѓународниот фактор за наводниот терор што го преживуваат“, рече Феџри Сељами, портпарол на ЦИШ на ДПА.
|