Поголем дел од македонските музички ѕвезди од забавната и од фолк-сцената ќе бидат вклучени во предизборните кампањи на најголемите политички партии. За владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе пеат Јован Јованов, Елвир Мекиќ, Гоце Арнаудов, Ребека, Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски и Соња Тарчуловска. Автор на изборната химна за кампањата на оваа партија е Јован Јованов.
Популарниот пејач и автор ги напиша и темите „Македонија има сила“ и „Резултати сега“, кои беа заштитен знак на партијата на изборите пред две години. ВМРО-ДПМНЕ знае да работи чесно, знае да го почитува народот и знае да ја сака Македонија. Затоа и јас знам да направам добра химна, а знам и зошто - затоа што и јас ја сакам Македонија. Песната за новата изборна кампања е хитовска, со етно-елементи, потсетува на традиционалната македонска музика, но е модерна. Ребека, третпат, како и Јованов, е дел од пејачката гарнитура на оваа партија. - Настапот го подразбирам како и секој мој професионален ангажман. Со луѓето од ВМРО-ДПМНЕ сум имала секогаш коректна и професионална соработка - вели Ребека. Дознаваме дека Владо Јаневски нема да настапи на митинзите бидејќи е на турнеја низ Австралија. Списокот на пејачи што ќе пеат на митинзите на СДСМ, се' уште не е дефиниран. Засега е извесно само дека автор на песната за изборната кампања на оваа партија е познатиот и докажан композитор Александар Масевски. - Ја прифатив понудата да ја правам песната од професионален аспект, но немам се' уште официјален список на изведувачи што ќе ја отпеат. Јас сум комплетен автор на темата, која е во поп-манир, а во музиката и во текстот провејува еден позитивен пролетен тон - вели Масевски. Во комбинација се пејачките имиња Дани Димитровска, Верица Пандиловска, Бени Шаќири и фолк-ѕвездите Виолета Томовска и Наум Петрески. Јас сум професионалец и настапот за која било партија го сфаќам само како професионален ангажман. - Добив понуда од СДСМ да пеам на изборните митинзи , но се' уште не се дефинирани деталите за мојот настап - вели атрактивната пејачка Дани Димитровска. Своето учество не ни го потврдија Пандиловска и Шаќири.
|