|
Денеска во посета на Ресен престојуваше претседателот на Турција, Абдула Ѓул, што е прва посета на еден државник во историјата на оваа општина. „Почестени сме денеска што ја имаме ретката прилика, за прв пат во општина Ресен да престојува Претседател на Република Турција. Неслучајно е Ресен одбран, бидејќи Ресен е показател на една позитивна клима којашто со векови владее тука помеѓу луѓето и е пример, не само за Македонија, туку и пошироко, на кој начин се развиваат взаемните односи помеѓу луѓето“, изјави Димитар Бузлевски, градоначалник на Ресен.
„Тука луѓето, иако се различни по однос на одредени нивни припадности, тие разлики не ги разделуваат, туку тие разлики ги приближуваат“, рече Бузлевски. „Тоа ќе имаме можност денеска да го пренесеме и на Претседателот на Турција и во нашите разговори да покренеме иницијативи и за посуштинска и попродлабочена соработка на општина Ресен со одредени делови од Турција“, додаде Димитар Бузлевски. Турскиот Претседател го посети и прочуениот Ресенски Сарај, едно од најубавите архитектонски зданија на Балканот, симбол на Младотурската револуција. „Тоа е многу битно за нас и многу значајно. Овој објект е изграден во почетокот на 20-иот век од еден од водичите на Младотурската револуција, Ахмет Нијазибеј и по својата архитектонска и естетска вредност е еден од најдобрите и најрепрезентативните објекти во Преспа, а и во Македонија“, изјави Панде Коцкароски, директор на Центар за култура Ресен. Оваа посета на турскиот Претседател широко ги отвара културните и економските врски за општината Ресен со Турција, а претседателот Ѓул беше трогнат од срдечниот пречек, особено од младите на турското малцинство што живее во преспанскиот регион.
|