|
15 патнички возила со македонски регистерски ознаки, денеска во раните утрински часови биле вратени од граничниот премин Евзони на македонско-грчката граница, со образложение дека патниците не поседуваат доволно пари за да влезат во Грција. Според цариниците, на кои им се пожалиле македонските државјани, грчките полицајци им барале да покажат од 2.000 до 3.000 евра по патник.
„Тие што немале биле вратени, а тие што имале исто биле вратени со образложение дека може да патуваат во Грција, но наредниот ден. Ова не ми е објаснето од другата страна, од колегите, зашто така се случило, можеме само да нагаѓаме. Изјавите ги добивме од патниците коишто беа вратени од граничниот премин Евзони“, изјави Божо Лозановски, управник на царицата во Гевгелија. Поплаки од вратени патници од граничниот премин Евзони стасале и до македонската полиција. Станува збор за неколку жители од гевгелиските села кои работат во Грција. Тие биле вратени со препорака патувањето да го одложат за утре. Истите без проблеми подоцна во Грција, влегле преку граничниот премин Дојрани. Влезот за Македонците денеска бил проблематизиран само до осум часот. Подоцна во текот на денот, без проблеми во Грција влегле околу 800-ина македонски државјани.
|