Сликата од минатите години со колони возила во пет ленти, денеска не се повтори на граничниот премин „Богородица“, на македонско-грчката граница. Најголем дел од Македонците останаа доследни на најавите, за велигденските празници, го откажаа патувањето кај јужниот сосед.
Според македонските погранични служби, граничниот премин „Богородица“ никогаш до сега за време на велигденските празници не бил толку празен. Лани пред велигденските празници во Грција, влегле 1.500 македонски државјани, денеска само 150 во сопствена режија. Ниту еден македонски туристички автобус не се појави на граничниот премин „Богородица“. „До сега немаме забележано организирано патување. Каде што бројот е доста намален, во споредба со мината година“, изјави Никола Стамнов, командир на ПС „Богородица“. Различни беа целите на македонските државјани, кои денеска патуваа за Грција. Некои од патниците одбиваат да зборуваат пред камерата на А1. За 30% денеска беше зголемен бројот на странските државјани, кои заминаа за Грција. Најбројни беа Србите, Романците и Унгарците, и по актуелните случувања меѓу Македонија и Грција, за грчките државјани се уште е привлечна Гевгелија. Во просек дневно по 2.000 Грци доаѓаат тука, најголем дел од нив во вечерните часови завршуваат во казината.
|