Сцената за годинешниот избор за Песна на Евровизија, што од 20 до 24 мај ќе се одржи во Белград, ќе ја конструира британската компанија "Stage One". Истата компанија се погрижи и за сцените минатата година во Хелсинки и Атина во 2006 година. Инспирацијата за годинешниот изглед, инаку е заснована на географската позиција на Белград, кој се наоѓа на устието на две реки под планината Авала.
Идејата, според еден од главните дизајнери, е да се направи обид за прикажување на сцена на две реки кои стануваат една. "Го доживуваме овој дел од Европа како место каде културите се мешаат и судираат, но за време на манифестацијата сите култури ќе бидат споени со устието", велат од компанијата. Впечатокот на река треба да се постигне со проѕирни LCD монитори што ќе бидат поставени низ Белградска арена и тоа од врвот до дното. Зад бината ќе бидат поставени вкупно 300 квадратни метри LCD екрани. Ширината на бината ќе биде 25 метри, должината 25,5, а висината од 10 до 12 метри. Поставувањето ќе стартува на 25 април и ќе трае десет дена.
|