|
Македонија во текот на оваа и наредната година ќе оствари стопански раст од 4,5% односно 5%, предвидуваат експертите на Меѓународниот монетарен фонд. Во анализата на движењето на европската економија објавена денеска на интернет-страницата на ММФ, се проценува дека Хрватска во истиот период ќе оствари четири, односно шест проценти, додека Србија 4,3% во 2008 односно помалку од 4% во 2009.
Босна и Херцеговина, според најновите проценки на ММФ, оваа и наредната година би требало да оствари економски раст од 5,5%, додека Црна Гора би требало оваа година да оствари најголем стопански раст во регионот од 7,2%, но идната година експанзијата во таа земја да биде пониска односно 5,4%. Наведените земји од регионот, но и другите европски држави во транзиција, во анализираниот период ќе остварат натамошна стопанска експанзија, но стапката на растот ќе биде пониска отколку во текот на изминатиот период. Експертите на ММФ наведуваат дека во поголем број транзициски европски земји се забележува брз раст на надворешниот дебаланс, вклучувајќи и мошне големи дефицити во билансите на тековните плаќања и раст на надворешниот долг, што го зголемува ризикот од „силно приземјување“.
|