Поранешниот фронтмен на „Бјело дугме“, Горан Бреговиќ, придружуван од својот „Оркестар за свадби и погреби“,на30 мај ќе одржи концерт во Скопје. Организаторот, „Авалон продукција“, на прес-конференција ќе ја објави локацијата на која ќе се случи настанот и цените на билетите, а на оваа средба ќе објават каде ќе свират и „Кошин“ и Рошин Марфи, кои под нивна капа доаѓаат на 7 и на 14 јуни.
Популарниот балкански музичар неодамна потпиша договор со „Лајв нејшн“, промотерската агенција што отсега ќе се грижи за неговите концерти, а веќе е ангажирана со менаџирање на настапите и турнеите на „У2“, Мадона и „Ролинг Стоунс“. Концертот на Бреговиќ во Скопје е дел од неговата светска турнеја во која ќе ги посети европските метрополи, а ќе настапи и во Јужна и во Централна Америка. Во музиката на Бреговиќ има влијание од музиката на јужнословенските народи, но и од ромската култура. Звукот на Бреговиќ е мешавина од популарната музика со таа од Балканот, тангото и звукот на дувачките оркестри. Дел од неговите композиции можат да се слушнат во филмот „Борат“, а меѓу нив е и попознатата „Едерлези“. Во време кога ситуацијата во „Бјело дугме“ почна да се влошува, Горан Бреговиќ ја почна својата соло-кариера, пред се', како композитор на филмска музика. Негов прв проект беше музиката за популарниот проект на Емир Кустурица, „Дом за бесење“. Соработката меѓу Емир и Горан продолжи и на филмовите „Аризона дрим“ и „Подземје“.
|