|
Воздржани реакции од државно-владиниот врв по барањето на специјалниот претставник за името, Никола Димитров, Македонија преговорите да ги продолжи врз основа на национална платформа прифатена од сите политички фактори. За разлика од неофицијалните коментари во круговите блиски на Претседателот, според кои нема потреба од посебна платформа, затоа што и досега преговорите биле водени врз основа на заеднички договор и позиции, Владата со барање до преговарачот да се воздржи од јавни настапи.
Владиниот портпарол денеска повика во наредниот чувствителен период сите чинители вклучени во преговарачкиот процес за името на Република Македонија да се воздржат од злоупотреба на ситуацијата и на својата позиција. „Секоја иницијатива којашто цели кон зачувување и одбрана на македонските национални и државни интереси и досега и отсега ќе ја има полната поддршка и на Премиерот и на Владата на Република Македонија“, изјави Ивица Боцевски, портпарол на Владата. И покрај драматичното барање на Димитров за наднационална платформа како предуслов за продолжување на преговорите со Грција, на два дена пред посетата на Нимиц се уште нема најава за средба меѓу Црвенковски и Груевски, на која треба да се постават македонските позиции, откако во Букурешт земјава не доби покана за членство во НАТО. Не се знае ниту дали Нимиц ќе оствари средба со лидерите на политичките партии, кои по урнекот на Охридскиот договор ќе треба да гарантираат дека секој договор со Грција ќе биде почитуван, без разлика која опција е на власт. Инаку, името не се споменува експлицитно во писмото што американскиот претседател Буш им го испратил на македонскиот колега Црвенковски и на премиерот Груевски од својот ранч во Тексас. Во него Буш им се заблагодарува на шефот на државата и на Премиерот за присуството на средбата во Загреб и уште еднаш ја потврдува определбата на САД да и помогнат на Македонија да стане членка на НАТО.
|