|
Со изборната кампања на политичките партии граѓаните официјално ќе се соочат на 11 мај. Партиите имаат 20 дена време да ги освојат гласачите. Само овој рок не е скратен. За сите други активности кандидатите ќе имаат помалку по пет дена. Најдоцна до полноќ на 2 мај кандидатите за пратеници за новиот собраниски состав до Државната изборна комисија ќе можат да ги поднесат своите кандидатури.
На денешната прва седница на ДИК се отвори дилемите кој ќе ги разгледува жалбите и поплаките. Според изборниот законик, надлежен за овие активности е Врховниот суд, а според новиот закон за управни спорови, надлежноста е кај управните судови. „Зошто се појави како дилема, сигурно ќе се појавеше и покасно. Добро е, сега се појави. Значи, да го изгласаме овој првиот дел, но јас сепак мислам, надлежноста ќе си ја одлучи Врховниот суд“, изјави Александар Новаковски, член на ДИК. „Интенција на законодавецот е од Врховен суд решавањето за изборните дејствија да премине во Управниот суд. Тоа е повеќе од јасно, но не е докрај разработено ова прашање“, рече Јован Јосифовски, претседател на ДИК. Кандидатите за пратеници за првпат ќе треба да се изјаснуваат и на која националност и припаѓаат. „Секој кандидат за пратеник ќе мора да даде изјава за етничката припадност, односно на која етничка заедница и припаѓа. Ова прашање се наметна од аспект на тоа што се јавија проблеми при формирањето на Комитетот за односи меѓу заедниците“, додаде Јосифовски. Министерството за правда најдоцна десет дена од денот на распишувањето на изборите избирачкиот список го става на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 10 дена. Денеска ДИК едногласно го усвои роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија.
|