Франција би можела да стане првата земја која со законски мерки ќе се бори против анорексијата. Затвор до три години и 45 илјади евра би можеле да бидат максималните казни со кои, според предлогот на француската влада, би се казнувале сите кои со рекламни пораки промовираат екстремна слабост, односно анорексија.
Мета на овие прописи се медиумите и светот на модата, но на прво место се интернет страните и блоговите на таканаречените ПроАна движењата.
Многу од нив промовираат изгладнување како избран начин на живот.
Девојките и младите жени на овие страни често објавуваат фотографии на своите слаби тела како поттик и иснпирација за другите.
Минатиот месец една француска интернет страна предизвика општо негодување бидејќи ги охрабруваше дури и деветгодишните девојчиња, во потрага по совршена фигура, да прават пластични операции и да држат диети.
Некои француски стручњаци и водечки личности од светот на модата, како што е Жан Пол Готие, се спротивставуваат на намерата на владата, тврдејќи дека не е надлежност на државата со закон да ја регулира убавината и естетските критериуми.