|
Пратенциите денеска ја продолжија расправата по Предлог-одлуката за самораспуштање на Собранието и за одржување предвремени избори. Претпладневниот дел од дебатата помина во многу реплики и контрареплики меѓу пратениците од власта и од опозицијата. За Цветанка Иванова од СДСМ иницијативата за самораспуштање на Собранието и за одржување предвремени избори е погубна и од неа зависи иднината на Македонија и патот по кој таа ќе се движи понатаму.
Според неа, ДУИ ја поднесува иницијативата затоа што сака да се врати на власт и да ги исполни обврските од Мајскиот договор, a ДПА си спроведува своја агенда и сака да се наметне како релевантен политички субјект и да го исполни мартовскиот договор, додека помалите партии сакаат да обезбедат место во Парламентот. „Интерес на РМ во овие три месеци е покана за членство во НАТО, компромис за името и добивање на покана за почнување преговори со ЕУ. Наместо работа на агендата ни се случува трчање да се задржи рејтингот, да се сочуваат фотелјите“, рече Иванова. Според Борис Кондарко од СДСМ, одлуката за предвремени избори значи дека, како што рече, или ќе имаме европска Македонија или за еден подолг временски период ќе ја уназадиме Македонија. Лилјана Поповска од ДОМ смета дека е погрешно однапред да се оди со тврдење дека изборите ќе бидат фалсификат и оти опозицијата нема потреба да стравува од составот на ДИК бидејќи таа добро си ја завршила работата и немало некои поголеми забелешки. На ова реплицираше Кондарко, кој посочувајќи на изјавата на претседателот на ДИК дадена за еден дневен весник, го нарече првиот човек на Комисијата „полтрон со кој не може да се оди на избори“. Според Зоран Петрески од ВМРО-ДПМНЕ, треба да се оди на избори и да им се каже на граѓаните што е досега сработено. Тој ја обвини опозицијата дека постојано ги кочела чекорите кои власта сакала да ги направи за граѓаните. Мери Младеновска Георгиевска од СДСМ рече дека ВМРО-ДПМНЕ сака Македонија да ја претвори во изолирано гето опкружена од соседи кои се членки на ЕУ и НАТО и оти го прави тоа единствено од партискиот интерес и премиерот Груевски да остане на функцијата. Таа смета дека Груевски со самораспуштањето на Парламентот сака да го избегне соочувањето со пратениците за тоа, што е, а што не направено. Според Тито Петковски, иницијативата е легитимна и легитимно е политичка партија која е на власт да побара предвремени избори за да ја зацврсти позицијата, но не е среќно избран моментот бидејќи подобро би било да се фокусираат на државните приоритети, а изборите да ги одложат за есен или за идната година. „Мислам дека ќе бидеме многу подалеку од целта по изборите, отколку да се концентрираме сега на Европската и НАТО агендата, а изборите да ги одложиме по добивањето датум за преговори, некаде на есен или идната година“, смета Петковски. Никола Поповски од СДСМ неефикасноста на Собранието ја гледа во недобрите закони што ги предлага Владата и во отсуствата на пратениците од владејачките парламентарни групи. Марјан Додовски од ВМРО-Народна партија на почетокот на седницата процедурално побара од своите колеги пратеници доколку се донесе одлука за самораспуштање на Собранието да не се преземаат никакви партиски активности за време на Велигденските празници. „Како христијани да не се доведеме во ситуација за Велигден да одржуваме трибини, јавни дебати, да составуваме листи“, рече Додовски. Игор Ивановски од СДСМ во име на неговата пратеничка група побара на седницата да присуствува и премиерот Никола Груевски. Претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски му одговори дека се поканети сите членови на Владата, но оти од нив зависи дали ќе присуствуваат на седницата. Седницата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза. Според договорот што го постигнаа синоќа координаторите на пратеничките групи, седницата треба да заврши денеска до 18 часот.
|