Уставниот суд ќе се произнесе за уставноста на одредбата од Законот за средно образование според која матурантите во јуни треба да полагаат државна матура. И додека денеска Уставниот суд на Република Македонија ќе се произнесе по однос на уставноста на одредбата од Законот за средно образование според која матурантите во јуни треба да полагаат државна матура, средношколци од Штип ќе ги бранат одбраните теми од проектните задачи. Уставните судии ќе расправаат по иницијативата поднесена од матурант кој побара укинување на државната матура за генерацијата што годинава ќе излезе од средношколските клупи.
Матурантите се надеваат дека одлуката ќе биде на нивна страна, повикувајќи се на претходно донесената одлука на уставните судии со која веќе еднаш во 2005 година беше укината матурата. Дотолку повеќе што, како што тврдат, времето поминува, а се уште постојат многу отворени прашања на кои никој не им одговара. Таков е случајот со матурантите од училиштата со уметничко образование каде тие не знаат дали воопшто ќе полагаат државна матура, како што се најавува за останатите средни училишта. - На денешната редовна седница покрај останатите 13 точки на дневен ред е и прашањето за уставноста на одредбата од Законот за средно образование кое се однесува на полагањето на државната матура, вели Југослав Миленковиќ, портпарол на Уставниот суд на РМ. И додека надлежните велат дека течат подготовките за полагањето на државната матура, средношколците се жалаат дали да се подготвуваат за финиширање на материјалот од четврта година или, пак, за матура. - До 10 март требаше да ги предадеме проектните задачи, но добар дел од матурантите не го сторија тоа. Јас се уште не сум ја подготвил темата што треба да ја бранам. На одредени прашања не можеме да добиеме одговор. Го прашуваме класниот раководител, но тој не препраќа кај шефот на отсек, а оттаму топката ја префрлаат кај директорот на училиштето и сепак остануваме без бараниот одговор. Нас вештачки сакаат да ни ја наметнат матурата и со вакво (не)подготвување тешко дека ќе има успех за да се постигне целта, вели матурант од Медицинско училиште. За конкретните активности околу матурата вчера не успеваме да добиеме одговор од Бирото за развој на образованието. Од Министерството за образование, пак, велат дека за полагање на државната матура се пријавиле 17.800 матуранти. Полагањето на екстерните испити по мајчин јазик е закажано за 12 јуни, а странски јазик и математика за 14 јуни. Интерните предмети ќе се полагаат во училиштата од 16 јуни.
|