На последниот брифинг со новинарите во Белата куќа, помошникот државен секретар на САД, Даниел Фрид, изјави дека македонската нација не може да се оспорува и да биде таканаречена. - Не мислам дека македонскиот јазик е таканаречен. Македонскиот јазик постои. Постојат Македонци. Како што знаете, во дипломатската школа на Стејт департментот предаваме на македонски, како што предавме српски, хрватски и сега босански. Јазиците се човечка креација, тие со времето се развиваат и кодифицираат. Како што знаете, постои Македонски јазик - изјави помошникот државен секретар на САД, Даниел Фрид.
Тој истакнал дека постои и историска Македонска провинција, која е различна од земјата. - Тоа е многу важно. Јасно е дека владата во Скопје, сака ние Американците да ја нарекуваме Влада на Македонија. Ние ја признаваме разликата меѓу историската територија на Македонија, која е се разбира многу поголема од сегашната држава - потенцирал Фрид, додавајќи дека САД го поддржуваат процесот за изнаоѓање на решение за името во кој посредува медијаторот Метју Нимиц. Запрашан зошто национализмот во Македонија и Србија се толкува различно, Фрид потенцирал дека од сите поранешни југословенски држави, Македонија е најуспешна во избегнувањето екстремен национализам. - Национализмот, како што Грција многу добро знае, на Балканот генерираше војни, крвопролевање, убиства и несигурност. Мислам дека национализмот е огромна опасност. Кога зборував за македонските патриоти, зборував за земјата која е успешно мултиетничка со етнички Македонци и етнички Албанци во владината коалиција и опозиција. Благодарение на Охридскиот договор, Владата во Скопје спречи поголем проблем дома, дури и граѓанска војна. Од сите поранешни југословенски држави, Македонија е најуспешна во избегнувањето на тој екстремен национализам. Владата во Скопје, македонската Влада, сака иднина во Европа и иднина во НАТО и прави се да спречи таков вид на национализам кој донесе многу болка на Балканот - истакна Фрид. Фрид нагласи дека во иднина, на Македонија во Европа и на Грција која веќе е во Европа, судбината им е да бидат добри пријатели и партнери. Даниел Фрид го поздрави конструктивниот приод на македонските власти во решавањето на спорот, истовремено, изразувајќи надеж дека желбата на Македонија и на Грција спорот да се реши, ќе вроди со плод. Запрашан што се случи на самитот на НАТО во Букурешт, Фрид истакна дека ставот на САД е јасен. - Ние сакавме покана за Македонија, базиран на предлогот на Нимиц или под ФИРОМ. Грција тоа не го прифати и јасно кажа дека сака да се најде решение за проблемот со името, истото што го сака и македонската Влада. Двете страни сакаат работите да тргнат напред. Двете влади не сакаат да влезат во циклус на меѓусебно обвинување и мислам дека печатот во Скопје го отслика тоа. Тоа значи дека Македонците сакаат прогрес. Тие беа навистина разочарани, но го поздравувам нивниот конструктивен приод. И на крај, мислам дека грчката Влада е подготвена да се вклучи во процесот активно. Нема да се откажеме - истакна Фрид.
|