Младеновски вели дека е осуден затоа што објавил прекршочна пријава против судијата за возење под дејство на алкохол. Битолскиот суд ми изрече висока парична казна од 700 илјади денари, зашто ја објавив прекршочната пријава против битолски судија за возење автомобил под дејство на алкохол, се пожали новинарот Менде Младеновски.
Главниот и одговорен уредник на „Битолски весник“ вели дека е осуден за текст, во кого како доказ го објавил и факсимилот од пријавата, која полицијата ја поднесла до Судот. Судијата го тужел за клевета, а побарал и отштета за претрпена душевна болка. Судот досуди да платам огромна отштета за претрпена душевна болка по слободна процена, без да се приложат медицински белешки од психијатриското вештачење. Во други случаи со смртни последици, Судот за претрпена душевна болка досудувал симболични суми - рече Младеновски на вчерашната средба со новинарите. Тој дополни дека експресно бил осуден со само едно одржано рочиште, на кое тужителот не се ни појавил. Ваквата пресуда, според Младеновски, претставува обид да се замолкнат новинарите. Како доказ за тоа го посочи делот од пресудата во кој стои оти се очекува таа воспитно да дејствува и врз другите новинари во иднина да не прават вакви и други кривични дела. Младеновски ги известил сите меѓународни организации за заштита на човековите права, како и новинарските здруженија. Меѓу другото, побаравме од Судот и од полицијата да кажат до каде е прекршочната постапка против судијата, но одговор не добивме. Според наши сознанија, таа е веќе застарена и ќе биде голем судски гаф ако бидам осуден пред таа да биде потврдена или отфрлена - рече Младеновски.Неговиот адвокат Никола Стојков поднесе жалба на пресудата и бара од случајот да се изземе битолскиот Апелациски суд, каде што е вработен тужителот. Уредникот на „Битолски весник“ искажа подготвеност да се откаже од новинарството ако го загуби спорот, но очекува тужителот и судијата што го води процесот да го направат истото ако загубат. Од Основниот суд во Битола вчера не сакаа да зборуваат за случајот, одговарајќи дека не коментираат судски одлуки.
|