|
Разочарани и гневни од политиката на Грција кон Македонија, дел од граѓаните ги бојкотираат грчките компании во земјава. Патриотизам или моментални емотивни реакции? СМС порака со апел за бојкот, деновиве кружи по мобилните телефони. Револтот се приметува и на терен.
Дел од Скопјани размислуваат за преселба на своето банкарско портфолио од една од најголемите банки во земјава, која е под директна контрола на грчката Национална банка. „И тоа сум го размислувал, но треба да се видат и други работи, треба да се уфрлат пари зашто имаме долг кон банката. Што би можел јас посебно да направам? Една ластовичка не ја прави пролетта“, велат граѓаните. Туристичките агенции потврдуваат дека од четвртокот наваму, откажани се патувања за во Грција, непосредно пред велигденските и првомајските празници. „Интересот за Грција од четвртокот, конкретно, наваму е поприлично намален. Овие денови со оглед на целава ситуација и тоа е фактичка состојба во моментов“, рече Стеван Пешевски, управител на „Савана“. Во маркетите на „Веро“ денеска беше вообичаено, но сепак се бојкотираа грчките производи. „Од „Веро“ македонски производ, видов прво чиј производ е, па затоа го земав“, рече купувач. Освен големите групации, во Македонија се присутни и стотици помали грчки фирми, кои главно се позиционирани во текстилните фабрики. Дел од работниците во овие погони се жалеа на кршење на работничките права. После НАТО самитот во Букурешт, грчките бизнисмени во Македонија се збунети. Причината е фактот што нивната земја е во топ петте странски инвеститори во Македонија. Грчките бизнисмени се загрижени од евентуален бојкот на македонските граѓани.
|