|
Портпаролот на грчкото МНР објави дека Грција жали но, во моментов не може да дозволи Македонија да добие покана за НАТО. Остануваат само минимални шанси во следниве 24 часа да се дојде до некое решение, кое што ќе биде прифатливо за двете страни.
Според Кумуцакос, кога две земји, едната аспирант за членство во НАТО, а другата членка на Алијансата имаат проблем како овој проблем со името, едната членка не може да дозволи аспирантот да го постигне тоа што го сака. Според Кумуцакос, Алијансата не е само група држави коишто се влезени во заеднички политички сојуз, туку земјите членки делат и заеднички вредности. Во случајов според Кумуцакос, Македонија ги нарушува добро соседските односи со Грција и се уште не заслужува да стане членка на Алијансата.
„Веруваме дека ова е стратешка акција за нашата политика, затоа што се нарушува стабилноста, а поддршката се темели на сите кандидати, со оглед на критериумите на НАТО, но сите критериуми. Евроатлантски перспективи бараат конкретни чекори и почит кон соседите. Кандидатите мораат да ги посвојат овие важни критериуми“, изјави Јоргос Кумуцакос, портпарол на грчкото Министерство за надворешни работи. „Што се однесува до индивидуалните перформанси, знаеме дека Хрватска направи значителни чекори и ги исполни барањата на НАТО, и веруваме дека оваа земја треба да биде поканета, да се приклучи кон НАТО. Истото важи за Албанија, ја поддржуваме да стане членка на нашата НАТО фамилија“, рече Кумуцакос. „Што се однесува до поранешната југословенска Република Македонија, нашата проценка која што се темели на нејзиниот учинок е сосема поинаква. Веруваме дека условите коишто се однесуваат на нејзиното членство, вклучувајќи го и круцијалниот услов се уште не е исполнет. Знаеме дека во тек се долгогодишни преговори под овластување на ОН и дека постојат разлики во билатералните односи и што се однесува до регионалната стабилност“, вели Јоргос Кумуцакос. „Што се однесува до главното прашање, знаете дека преговорите се одвиваат веќе 15 години, за жал се до овој момент нема позитивен исход. Велам за жал затоа што веруваме дека Грција стори се што можеше да стори за да му помогне на процесот за да дојде до позитивен исход“, додаде Кумуцакос.
|