|
Македонија најмногу заслужува да се најде меѓу членките на НАТО, меѓу кандидатите за приклучување во Алијансата, но тешко дека тоа ќе се случи овој пат поради нерешениот спор што таа го има со Грција околу името, пишува британскиот весник „Фајненшл тајмс“. Лондонскиот весник вели дека Македонија е неопходно да биде примена во Северноатлантската алијанса, затоа што станува збор за државата чиј интегритет е најмногу загрозен од сите во регионот. Со прогласувањето на косовската независност, додава весникот, за Македонија НАТО е најнеопходно, за да може да ја зачува и обезбеди стабилноста.
„Фајненшл тајмс“ пишува оти е малку веројатно дека ќе може да се обезбеди поддршката и од Атина, појаснувајќи дека сите други земји членки не дејствуваат доволно одлучно за прашањето околу спорот со името и македонскиот прием, за да разговараат со Грција, па дури и САД. Според весникот, затоа единствен со насмевка самитот ќе го напушти рускиот претседател Владимир Путин, потсетувајќи го Западот на ризикот што постои при примањето на нови членки во Алијансата. Тоа пред се се однесува на идејата за забрзано приближување на Украина и Грузија, за што посебно се залагаат САД, а остро се спротивставува Москва, додека меѓу членките на НАТО постои резервираност и воздржаност. Германија е единствената што отворено се противи и се закани и со блокада во Букурешт на таквата идеја. Поранешниот британски министер за одбрана Мајкл Рифкинд во изјава за „Дејли телеграф“ вели дека тоа е ризичен потег, затоа што Британија и другите членки би требало да влезат во војна ако некој, како на пример Русија, витално ги загрози двете поранешни советски републики, Украина и Грузија. Рифкинд вели дека сосема е поинаква ситуацијата околу приемот на балканската тројка, затоа што иако нивниот заеднички придонес во операциите и мисиите на Алијансата е релативно мал, нивната интеграција во НАТО ќе придонесе за подоброто поврзување на целиот Балкан со Западот, што според него е знак за оптимизам.
|