|
Авто портрет на Пикасо - гол |
|
Авто портрет на Пабло Пикасо, на кој уметникот се насликал себеси гол во кревет со љубовница, беше откриен случајно во куќа во градот Дорчестер, пишува весникот „Тајмс“. Платното, познато под име „Божество“, е насликано во акварел во периодот 1901-1902 година и има потпис на уметникот од задната страна.
Станува збор за уникатно дело од раното творештво на Пикасо, чувано од непознати причини од сопственикот, свиткано во ролна, во соба во неговиот дом. На истото место, каде што е најдено ова дело на Пикасо, се пронајдени и други две дела на британски уметници-Џорџ Стабс и Алфред Манингс. Се очекува цената на секое од овие платна да биде над 200 000 долари, а вкупната вредност се проценува на 6 милиони долари. Идентитетот на сопственикот не се открива, но се претпоставува дека станува збор за човек од некоја кралска династија. Се спомнува името на принцот Карим Ага Хан IV од владејачката династија на Лихтенштајн, како и неколку принцови од Блискиот исток. Аукцијата ќе се спроведе на 10 април во Дорчестер.
|