|
Девизните резерви пораснати |
|
Девизните резерви на Македонија во 2007 година се зголемиле за 107 милиони евра на 1,524 милијарди евра. Ова денеска го соопшти Народната банка на Македонија (НБМ), додавајќи дека дефицитот на платниот биланс во 2007 година изнесува 164 милиони евра или 3 насто од остварениот БДП, а трговскиот дефицит достигна 21,2 проценти од БДП и е повисок од проектираниот за 0,7 насто.
НБМ регистрира растечки тренд на депозитите и на кредитите на банкарскиот сектор. Вкупните депозити на приватниот сектор кај банките во февруари 2008 година во однос на истиот месец лани се поголеми за 30,5 проценти, а вкупните кредити на банките за приватниот сектор во истиот период се зголемиле за 41,4 проценти. Народната банка најави дека по последното зголемување на референтната каматна стапка, ќе продолжи да ги следи ефектите од мерките за стабилизација на инфлацијата и ќе ги прилагодува инструментите на монетарната политика. Народната банка до крајот на 2008 година планира постојниот Кредитен регистар, кој претставува база на податоци за задолженоста на правните и физичките лица, да го замени со нов унапреден Кредитен регистар. Новиот регистер треба да има подобрена содржина, намалени рокови за обработка и ажурирање на податоците, а ќе се намали износот на кредитна изложеност кој се пријавува од 500.000 на 300.000 за правни лица и од 150.000 на 5.000 денари по партија за физички лица.
|