Македонскиот државен врв до доцна синоќа се консултираше за последниот предлог од посредникот на ОН за решение за разликите околу името, што Грција категорично го одби. За деталите од последниот предлог на медијаторот, преговарачот Никола Димитров го информираше државниот врв на средба која траеше повеќе од четири часа, зад затворени врати.
Засега нема поединости од средбата меѓу претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски и шефот на дипломатијата Антонио Милошоски.
Медијаторот Метју Нимиц, на последната рунда разговори во Њујорк понуди решение, што содржи географска одредница за името. Нимиц, според медиумите, предложил „Република Македонија (Скопје).
Грција експресно го одби предлогот, а премиерот Костас Караманлис во четвртокот побара изнаоѓање сложено име, што би се употребувало во севкупна комуникација. Официјална Атина ја повтори заканата за вето за покана за членство на Македонија во НАТО, на самитот, што почнува во среда.
Американскиот претседател Џорџ Буш вчера потврди дека ќе се заложи Хрватска, Албанија и Македонија да добијат покани за пристап во Алијансата.
|