|
Малиот Леон се врати од Брисел, каде во болницата „Сент Лук“ му беше извршена трансплантација на црниот дроб. Операцијата, која траеше 9 часа, во ноември минатата година ја изведе тим од лекари на чело со познатиот д-р Рајмонд Рединг и двајца македонски хирурзи. Во болницата во Брисел остана цели четири месеца. Три и полгодишниот Леон сега има нов живот. Не пречека пред својот дом во скопско Марино, заедно со сестричката Симона, возбуден што се повторно заедно. Неговата мајка Анета му подари дел од нејзиниот црн дроб. Оваа млада жена со солзи во очите раскажува за деновите поминати по болниците, честите трансфузии на крв, болките, крварењата, кои се веќе минато.
„Секоја недела бевме на клиника, имаше потреба од трансфузија на крв. Таму го помина детството. Доволно ми е само да се потсетам што сме поминале и тој и ние“, изјави Анета Стојановска, мајка на Леон. Надежта дошла од Клиниката за детска хирургија, каде им предложиле трансплантација. Операцијата чинела 100.000 евра. За рекорден еден месец биле собрани 18.000 евра или 20% од партиципацијата. Останатите средства ги обезбеди Фондот за здравство. „Луѓето, без разлика дали се Македонци, Албанци, ние сите сме луѓе. Пуштавме флаери преку колегите по продавници не само во Скопје, туку и во други градови“, рече Здравко Стојановски, татко на Леон. Анета вели дека веднаш по трансплантацијата била очигледна промената кај Леон. „Ликот дефинитивно, обеле целото, однесувањето се смени, почна да се дружи, почна да се дели од нас, самостоен почнува да станува“, вели Стојановска. Уште дваесетина деца во Македонија имаат потреба од трансплантација на црн дроб. Возрасни околу 600, но бројот постојано се зголемува, вели д-р Владимир Чадиковски од Клиниката за детска хирургија. Доколку не им се изврши трансплантација, осудени се бавно да умираат. Леон имаше среќа. Неговата операција го означи стартот на проектот со кој Македонија од 1 мај станува акредитиран регионален центар за трансплантација на црн дроб. „Оваа година 17 доктори од Македонија од различни профили ќе одат на едукација во Брисел, во „Сент Лук“, а другата година, ако се оди по планот како што оди досега, би требало наредната година ова време веќе да ја направиме првата трансплантација во Скопје“, изјави асс. д-р Владимир Чадиковски, координатор на проектот за трансплантација на црн дроб. Цената на операцијата ќе биде драстично пониска од земјите во ЕУ и ќе чини околу 40.000 евра. Македонските осигуреници нема да плаќаат, операцијата ќе ја покрива Фондот. На Клиниката за детска хирургија на големо се подготвуваат за проектот. Веќе се подготвува оддел за интензивна нега, каде што ќе бидат лекувани овие деца. Тимот од лекари работи ентузијастички. Планираат 10 до 12 трансплантации годишно. По овој крупен чекор во македонското здравство, следниот е подигање на свеста на граѓаните за донирање на органи, вели човекот од кого тргна целата оваа работа. „Да се подигне таа свест дека вие со давање на тие органи спасувате четири живота. Мислам дека тука ќе биде главната борба, тука ќе треба главната енергија да се насочи“, рече Чадиковски. „Кога донирав за Леон, јас мислев дека повторно го родив“, додаде Анета Стојановска. Засега се планираат трансплантации само од живи донатори, а во иднина доколку се подигне свеста на граѓаните, ќе се прават и кадаверични трансплантации од починати. Според проценките, Македонија треба да има 40 доброволни донатори годишно, за да се спасат сите оние на кои им е неопходна помош.
|