|
Новиот предлог има елементи на стари, претходно дадени предлози. За разлика од средбите во Виена и Атина кога Нимиц даде повеќе различни предлози, сега медијаторот на преговарачите им дал еден предлог кој, според него, е фер, чесен и разумен. Нема временски лимит за одговор во ОН но, поради самитот на НАТО и грчките закани, Нимиц се надева на брз одговор. Тој останува во контакт со Василакис и Димитров и доколку има позитивни реакции за предлогот што уште не се прецизира, подготвен е за нови средби.
Двете земји имаат силна желба да се најде решение но, се уште не можат да се најдат на половина пат, смета медијаторот, според кој и Грција и Македонија се свесни за ризиците што ќе произлезат доколку не се најде решение. Предлогот на Нимиц не е 100% прифатлив за Грција и Македонија но, тој се надева дека ќе биде разгледан сериозно. „Решението мора да биде преку компромис. Не е 100% од оние што би го сакале Атина и Скопје. Мислам дека она што им го предложив на страните е фер и чесно. Ја вклучува географската димензија. Се надевам дека двете влади ќе го разгледаат сериозно и ќе размислат на позитивен начин“, изјави Метју Нимиц по состанокот. „Мислам дека двете влади треба да ги препознаат ризиците ако спорот не се реши. Обата претставници ги изложија своите ставови. Ставовите на двете влади се такви што не се постигна согласност, во изнаоѓање име прифатливо за обете страни“, додаде Нимиц. Од сега натаму, според медијаторот, решението не зависи од него туку исклучиво од двете земји. Уште не се знае дали единствениот предлог ќе биде во употреба во сите меѓународни организации и во билатерална употреба или ќе има различни модалитети на кој начин ќе се употребува. Македонскиот амбасадор Димитров на преговорите со Нимиц влезе со позиција која на ниеден начин не треба да му даде шанса никому да го злоупотреби билатералното прашање за името меѓу Македонија и Грција, за да ја блокира земјава на влезот во НАТО и да го попречи проширувањето на НАТО на Балканот. Ваквата разврска на преговорите ја најави и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој во интервју за тиражниот „Вашингтон тајмс“ денеска изјави дека Македонија нема илузии дека денешната средба во Њујорк може да донесе значителен напредок. Земјата нема големи очекувања, изјави Милошоски, кој во телефонското интервју од Скопје додал дека е свесен за планот на Грција да ја злоупотреби својата позиција во НАТО и ЕУ и да стави вето за македонското членство во Алијансата. Претходно во изјава за вашингтонското биро на агенцијата „Асошиејтед прес“ Милошоски рече дека постои можност земјава да прифати друго име освен уставното, кое би го зачувало достоинството и би се употребувало во меѓународна употреба. Инаку, средбата меѓу Нимиц, Василакис и Димитров започна во пријатна атмосфера. За разлика од македонскиот преговарач, кој стигна неколку минути подоцна, Нимиц и Василакис неформално коментираа за можноста денеска да се најде решение и за протестите кои денеска ги организираа 20-ина Македонци пред зградата на ОН. Пред средбата, Нимиц во неформален разговор рече дека и без договор за името животот продолжува меѓу двете земји. Откако попладнево стана јасно дека позитивен исход од денешната средба е речиси неверојатен, од дипломатски извори се дознава дека американскиот Стејт Департмент веќе работи на ново алтернативно сценарио, доколку во наредниве неколку денови ставовите меѓу Атина и Скопје останат спротивставени. Одлагање на поканата за НАТО за неколку месеци и нова рунда преговори, која ќе мора да заврши до септември, е најверојатната опција која се подготвува од страна на САД, чијшто претседател, според изјавите на портпаролот на Стејт Департментот, се уште верува дека има доволно време да се најде решение за спорот до 2 април.
|