Премиерот Груевски бил многу лут на Црвенковски за неговата јавна изјава за можноста да се прифати придавка на името, со што сметал дека силно се нарушени преговарачките позиции на земјава.
Македонскиот преговарач Никола Димитров добил прецизни инструкции од државниот врв, во пресрет на новата рунда разговори за спорот со името, утре во Њујорк.
- Нашите позиции се јасни, аргументите се силни и издржани и на средбата во Њујорк одам со прецизни инструкции, изјави Димитров, по завчерашната неколкучасовна средба со претседателот Црвенковски, премиерот Груевски и министерот за надворешни работи Милошоски.
Сепак, за разлика од премиерот Груевски, шефот на државата веќе јавно кажува оти за него е прифатлива формулација за името, која ќе претставува разумен компромис.
- Оној што ќе ми каже дека премногу е скапо прашањето за името и за тоа воопшто не треба да се размислува, должен е пред целата јавност да го соопшти сценариото што потоа и како Македонија ќе се развива во наредните 10 - 15 години, изјави завчера Црвенковски, на трибина во Охрид.
- Ако компромисот за НАТО е цената што треба да ја платиме околу проблемот што нашиот јужен сосед го има со нашето име, тогаш таков компромис треба да направиме, не доведувајќи го во прашање нашиот идентитет, смета лидерот на НСДП Тито Петковски.
Премиерот Груевски, пак, не се согласува со ваквиот став на коалициониот партнер, но се надева дека има простор позициите да бидат усогласени.
Тој бил многу лут на Црвенковски за неговата јавна изјава за можноста да се прифати придавка на името, со што сметал дека силно се нарушени преговарачките позиции на земјава.
Иако преговарачот Димитров се обиде да ја смири јавноста со изјавата дека меѓу премиерот Груевски и претседателот Црвенковски има само разлики во нијанси во однос на спорот со името, дознаваме дека не е баш така и дека деновиве се водат тешки дискусии меѓу двајцата. Груевски и понатаму останал тврдо на позициите дека не смее да се попушта за името, додека Црвенковски силно се залага за компромис со Грција, кој би значел промена на привремената референца ФИРОМ со трајно име на ФИРОМ.
Анализите на ВМРО-ДПМНЕ покажале дека освен двата пратеника на СПМ се чини дека сите останати партии во Парламентот и од власта и од опозицијата се за компромис од типот како што предлага Црвенковски и дека ова може да значи оти ВМРО-ДПМНЕ многу лесно може да биде надгласана, односно Собранието со мнозинство гласови да донесе одлука за прифаќање на ново име, кое во оваа атмосфера на попуштање би можело да биде и многу неприфатливо. Од овие причини Груевски повторно го извадил на маса стариот џокер - референдумот, велејќи дека Парламентот нема легитимитет да донесе ваква одлука без да го праша народот, со оглед дека сите парламентарни партии во своите програми и предизборни изјави ветиле дека нема да го променат името. Тој дополнително кажал дека ако и за ова се обидат да го надгласаат, можно е ВМРО-ДПМНЕ да излезе од Парламентот и да организира серија масовни демонстрации кои ќе ги спречи парламентарците сами да изгласаат одлука за промена на името. Сепак, се очекува дека на крајот ќе се најде заедничка позиција и ќе се надмине проблемот.
|