|
Прелиминарниот извештај за хеликоптерската несреќа, во која загинаа 11 македонски мировници, е завршен. Според извори од Државната комисија за истражување на несреќи, постојат три причини за уривањето на армискиот хеликоптер Ми-17:
1) Командантот на македонскиот контингент во мировната мисија АЛТЕА не требало да даде дозвола за полетување на хеликоптерот, откако бил известен за лошите временски услови. Ќе се бара одговорност и од надлежните институции, зошто неколку барања за обука на пилотите за инструментално летање биле одбиени. 2) Скршнување од рутата. Хеликоптерот бил видел од очевидци кај рибник во близина на Петровец, каде постојат и далекуводи за електрична енергија. Истрагата оценила дека оттука започнале неправилностите во летот на хеликоптерот, односно проблеми со одржувањето на висината. Истрагата добила сознанија дека хеликоптерот Ми-17 бил првиот хеликоптер упатен во мировна мисија што претходно бил на ремонт во Чешката Република во несоодветни институции. 3) Контролорот на летање, Добривое Јосифовски, не му дал алтернатива на пилотот за слетување во касарната. Истрагата бара контролорот да оди на вонреден медицински преглед, но тој тоа го одбива. Овие се примарните причини кои се наведени во извештајот, но се чека истите да бидат потврдени и од странски експерти од Русија и Украина, кои ќе направат целосно вештачење. Членовите на Државната комисија укажале дека истражниот судија, Славјанка Јанкуловска, направила грешка што дозволила на местото на несреќата да влезат неовластени лица, односно претставниците на државно-владиниот врв. И се замерува несоодветното извлекување на остатоците од хеликоптерот дури и со помош на багери. Извештајот за хеликоптерската несреќа завршува со неколку безбедносни препораки за институциите.
|