|
Хедер Милс, поранешната сопруга на Пол Макартни, ќе добие 24,3 милиони фунти, приближно 31,6 милиони евра, како отштета по разводот, пресуди Судот во Лондон на крајот од долгиот судски процес што се провлече повеќе од една година.
Веднаш по соопштувањето на пресудата, Милс (40) изјави дека е „многу задоволна“ од решението на Судот, но дека ќе се жали поради јавното објавување на делови од пресудата, додека славниот Битлс, Макартни (65), одби да даде било каков коментар за крајот на судењето кое предизвика голем публицитет во британската јавност, па си замина во придружба на неговиот адвокат. Макартни се венча со Хедер Милс, поранешен фото модел и манекенка, а подоцна хуманитарен активист, во 2002 година. Бракот траеше само четири години и тие се разведоа во 2006 година. Од овој брак поранешните сопружници ја имаат ќерката Беатрис. Претходно, Хедер Милс побара 125 милиони фунти отштета, додека Пол Макартни понуди 15,8 милиони за годините поминати во брак со него. Спогодба не беше постигната ниту меѓу нив двајцата преку нивните адвокати, ниту подоцна во текот на цела серија судски расправи во минатата и во оваа година, па мораше да пресуди судот. Британските медиуми навестуваа дека може да се случи „најголемата исплата по развод во британската правна историја“, што и ќе се случеше ако беше прифатено првичното барање на Хедер Милс, но правни експерти предупредуваа дека мали се шансите за тоа, затоа што станува збор за краткотраен брак, како и за тоа дека огромен дел од богатството на Макартни е стекнато уште пред нивниот брак. Берзански експерти тврдат дека Пол Макартни „тежи“ околу 900 милиони фунти, односно приближно 1,1 милијарда евра. Судот пресуди на нивната ќерка Беатрис, таткото Макартни да и исплаќа годишно по 2,5 милиони фунти, се додека таа не наполни 18 години.
|