|
Цената на нафтата галопирачки расте на светските берзи. Глобалниот тренд не ја заобиколува Македонија, а најголеми жртви остануваат граѓаните. Американскиот претседател Џорџ Буш веќе побара од ОПЕК, организацијата на државите извознички на нафта, да го зголемат дневното производство на нафта, за да се стопира растот на цената.
Експертите велат дека пазарот ја диктира цената, обичните луѓе може да се заштитат само на краток рок. „Шоковиве од страна на агрегатната понуда, посебно ваквите шокови на пораст на цената на нафтата, во крајна линија се одразуваат врз животниот стандард на граѓаните. Граѓаните ќе се заштитат себеси со рестрикции“, изјави Димитар Ефтимовски, универзитетски професор. Данокот на додадена вредност кој се црпи од нафтените деривати е огромна ставка во буџетот. Оттука, сметаат аналитичарите многу е тешко една држава да се согласи за намалувањето на данокот. Тоа е меч со две острици, бидејќи се работи за голема сума на пари кои однапред се испланирани за останатите општествени дејности. Според професорот Ефтимовски, намалувањето на ДДВ ќе значи скусување на другите услуги за граѓаните. „На едно место можете да постигнете ефект во цената на нафтата, па помал број од граѓаните кои што возат моторни возила, да бидат субвенционирани со намалувањето на ДДВ, а големиот број на граѓани кои што користат здравствена заштита, образование, безбедност да бидат обесправени затоа што ќе добијат помалку услуги отколку претходно“, додаде Ефтимовски. Цената на нафтата до 1973 година беше едноцифрена, потоа започнува да расте. Драстичното зголемување се појавува во 2001. По терористичките напади на кулите близначки во САД. Минатата година цената на нафтата стигна до 100 долари, а годинава веќе помина над 100 долари. Во меѓувреме цената на нафтата на светските берзи и понатаму расте, а во не толку далечна иднина, прогнозите се дека таа ќе достигне и фантастични 200 долари за Барел. Со ваква прогноза деновиве излезе инвестициската банка „Голдман Сакс“, банка која и претходно, прилично точно го предвиде сегашниот раст на цената на „црното злато“.
|