Кралицата на ток шоуата Опра Винфри (54) одлучи да го зголеми своето медиумско царство купувајќи ТВ мрежа.
Компанијата „Дискавери комуникејшн“ и популарната американска водителка на вчерашната конференција за печат соопштија дека постигнале договор каналот „Дискавери Хелт“ да премине во сопственост на Винфри, под името „Опра Винфри мрежа“. „Ова е чекор понатаму во тоа што секојдневно го работам. Сега ќе имам можност тоа да го правам 24 часа дневно. Многу сум возбудена поради таа можност затоа што веќе неколку години се прашувам што по Опра Винфри шоуто“, изјави Опра. Таа не даде никакви детали за нејзината ТВ мрежа, која од втората половина на 2009 година ќе може да ја следат 70 милиони домаќинства во Америка. „Каналот нема да биде само за мене, тој ќе биде можност за многу луѓе - како за некои кои ги познаваме, така и за некои кои ќе ги откриваме“, додаде Опра и истакна дека таа ќе биде „гласот на каналот“. Славната водителка веќе го поседува списанието „O“, радио станицата „Опра и пријателите“, како и филмската и ТВ продуцентска куќа „Харпо продакшн“.
|