Академик Никола Кљусев, прв премиер на независна Република Македонија, почина синоќа на 80-годишна возраст, потврди Македонската академија на науките и уметностите.
Роден е во 1927 година во Штип, дипломирал економија во Белград во 1953 година, а докторирал во 1964 година, на темата „Критериуми и методи за оценување на економската ефективност на инвестициите“. Кариерата ја почнал како асистент на Институтот за научни истражувања во индустријата на Македонија, а од 1972 година е редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Пред 19 години е избран за член на МАНУ, каде што е претседател на Советот за демографски истражувања. Раководел голем број домашни и странски проекти од областа на економијата. Објавил повеќе книги, монографии и научни студии, како и неколку збирки поезија, есеи и други трудови. Академик Никола Кљусев беше првиот премиер на првата експертска Влада на Република Македонија од 1991 до 1992 година и имаше значајна улога во воспоставувањето на независноста и сувереноста на македонската држава.
|