|
Наместо 20-тина минути, процедура која ќе трае со часови. Вака од понеделник ќе изгледа регистрацијата на возила. Со измените на законите, граѓаните ќе мора полисата за осигурување да ја вадат директно од осигурителните компании или нивните дилери.
Во пракса тоа ќе значи, дека наместо на едно место да се вадат сите документи, граѓаните ќе мора да поминат технички преглед со возилото, по што ќе треба да си најдат претставништво на некоја осигурителна компанија, па да се вратат во станиците за технички преглед за печат од МВР. Ваквата мерка само ќе предизвика повеќе нервоза и поголема бирократска процедура. Објаснувањето на Министерството за финансии е дека некој технички прегледи фаворизирале одредени осигурителни компании. „Во крајна линија има за цел да воведе поголема конкуренција, подобри услови и пониски цени за корисниците, за граѓаните“, изјави Мартин Мартиновски, портпарол Министерство за финансии. „Ќе се усложни малку, меѓутоа во цел свет продажбата на овој вид осигурување исклучиво се врши преку брокери и преку агенции“, рече Јонче Поповски, Национално биро за осигурување. Шест месеци мирување на измените не беа доволни за осигурителните компании, ниту за техничките станици да извадат лиценци и да создадат услови граѓаните да не губат од своето време и целата процедура на регистрација да ја завршат на едно место. Неофицијално, сега осигурителните компании и дилерите барале под закуп простории во непосредна близина на техничките прегледи.
|