|
Телефонската компанија што го опслужува ФБИ на САД заради ненавремено платени сметки лани ја прекинала линијата што бирото ја користи за прислушување на разговори на лица, осомничени за тероризам или криминални дела, покажа извештајот на инспекторот на американското Министерство за правда.
По сигналот за евентуална злоупотреба со средства, наменети за тајни операции на ФБИ, инспекторите од министерството во јуни минатата година спровеле истрага, која ги довела до откривањето на специјалистка за телекомуникации, која присвоила 25.000 долари. За време на истата истрага инспекторите утврдиле дека системите за плаќање на тајните операции се застарени. Тие открија дека повеќе од половината од приближно илјада сметки биле платени со задоцнување. Некои биле дури толку задоцнети, што телефонскиот оператор ги прекинал линиите. Заменик директорот на ФБИ Џон Милер уверува дека прекинувањата биле времени и немале никакви последици за работата на бирото. Тој посочи дека ФБИ има намера да ги модернизира системите за наплата.
|