|
Светот ја испрати старата и ја пречека Новата 2008 година. Најголемата забава во најлудата ноќ во Германија се одржа во Берлин, каде пред Бранденбуршката капија илјадници присуствуваа на одлична музичка забава која точно на полноќ кулминираше со огномет.
Слично беше и во Лондон, каде се славеше на брегот на Темза. Моментот на испраќањето на старата и доаѓањето на Новата година во Лондон го означи прочуениот Биг Бен. Американците на Тајмс сквер го објавија доаѓањето на Новата година. Традиционално, новогодишната кристална топка на Тајмс сквер оваа година беше во еколошко издание со повеќе од 10.000 специјални светлечки диоди кои трошат најмалку енергија. „Тоа беше навистина добра забава, дојдоа луѓе од целиот свет, беше многу возбудливо и само сакам да го доживеам сето ова повторно. Многу сум возбудена. Тука доаѓаат сите, тоа е местото каде што треба да се биде. Сите во светот го знаат тоа. Ние сме од Англија, но знаевме дека мораме да дојдеме тука да прославиме“, изјавија луѓе кои ја дочекаа Нова година во Њујорк. Брисел ја дочека Новата година во мрачна атмосфера, бидејќи сите официјални прослави беа откажани поради терористички закани. Во Париз властите забранија огномет. Сепак, улиците беа преполни со луѓе. Неколку десетици илјади лица му пркосеа на мразот на Црвениот плоштад во Москва, каде доаѓањето на Новата година го означија црковни ѕвона. Притоа преку телевизија претседателот Владимир Путин ја упати својата последна новогодишна порака, бидејќи во март заминува од позицијата шеф на држава. На Тајмс сквер во Хонк Конг се собраа повеќе од стотина илјади лица. Оваа поранешна британска колонија е единствена во регионот која славеше, со оглед дека Кина ја слави својата Нова година во февруари.
|