|
„Фајненшл тајмс“ ги објави прогнозите за случувањата во светот годинава. Предвидува дека Иран нема да произведе атомска бомба, Ирак ќе остане скршена држава, единствената надеж за спас на земјата е алокација на нафтените резерви.
Барел нафта ќе чини повеќе од 100 долари, Хилари Клинтон нов претседател на САД, во Пекинг ќе се одржат најдобрите Олимписки игри досега. На глобално ниво прогрес ќе има во битката за подобри климатски услови во светот. Во делот на економијата, авторите од „Фајненшл тајмс“ прогнозираат дека во САД годинава нема да има рецесија, но ќе продолжи кредитната редукција, особено во делот на хипотеките кои лани создадоа загуби од 200 милијарди долари. Берзанските пазари ќе бидат во криза и во првата половина на 2008-ма, но најавите за намалување на каматите во САД, Велика Британија и еврозоната можат да помогнат за да се надмине состојбата. Масивната експанзија на интернет гигантот „Гугл“ најверојатно ќе доведе до спојување на повеќе крупни он лајн играчи на пазарот. Во прогнозите за политичките лидери, убиството на Беназир Буто ќе му ја разниша претседателската фотелја на Первез Мушараф во Пакистан. Владимир Путин од претседател најверојатно ќе стане премиер на Русија, неговата партија ќе бара измена на Уставот за да преземе Премиерот моќта на одлучување од Претседателот. Според „Фајненшл тајмс“, обидите на Саркози да ја реформира Франција, особено во делот на работните односи, можат да предизвика големо незадоволство во земјата.
|