|
Државниот завод за статистика денеска ја објави публикацијата со показателите на македонската економија во 2007 година.
„Стапката на невработеност до крајот на годинава се очекува да достигне 34,8%. Вкупната работна сила ќе изнесува 907.000 лица од кои 591.000 вработени, а 316.000 невработени, додека од вкупното население над 15-годишна возраст, 44,3% е неактивно“, рече на прес-конференција директорот на Заводот Благица Новковска. Просечната нето плата се проценува на 14.314 денари што во однос на лани претставува пораст од 5,9%. Ако се земат предвид трошоците на живот, додаде Новковска, се очекува реалните нето плати годинава да се зголемат за 3,7%. Според анализите на Заводот, Бруто домашниот производ за 2007 година бележи реален пораст од 5,1% во однос на 2006-та, индустриското производство се очекува да биде поголемо за 4,2%, а обемот на надворешно-трговската размена ќе изнесува 8,5 милијарди долари. „Извозот ќе биде зголемен за 41,5%, а зголемувањето на увозот се очекува да изнесува 35,7%. Салдото на размена ќе биде негативно и ќе изнесува 1,7 милијарди долари. Покриеноста на увозот со извоз ќе биде 66,6%“, истакна Новковска. Цените на производителите на индустриски производи за 2007 година во однос на лани се очекува да бидат повисоки за 1,6%. Цените на мало, според проценките, се повисоки за 2,6%, а како резултат на нивното движење, трошоците на живот бележат пораст од 2,1%. Оваа година разговорите од фиксни телефони ќе се намалат за 8,6%, а од мобилните ќе се зголемат за 77,6%. Земјоделското производство во однос на лани се очекува да биде намалено за 5,1%, а вкупната продукција на житни и индустриски растенија ќе се намали за 8,3%. Статистичките податоци покажуваат дека Македонија во 2007 година ја посетиле 535.085 туристи, што претставува зголемување за 7,1% од лани. Бројот на странските туристи е зголемен за 12,9%, а на домашните за 3,2%. На крајот од годинава население на Македонија ќе брои 2,045 милиони лица, а природниот прираст ќе биде помал за 19,9% во однос на 2006 година. Директорот Новковска информира дека ДЗС во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање изготви и публикација со статистички податоци за животната средина. „Со оглед дека станува збор за многу значаен документ, ова ќе биде редовна активност на Заводот и ќе се реализира со двегодишна динамика“, истакна Благица Новковска.
|