|
Бројот на катастрофи предизвикан од временските непогоди е поголем за четири пати во изминатите две децении, се наведува во извештајот на водечката британска хуманитарна организација Оксфам. Во извештајот на Оксфам се наведува дека во осумдесеттите години на минатиот век годишно биле регистрирани 120 природни катастрофи, додека просекот за изминатите години изнесува околу 500.
Според Оксфам, овој раст се должи на непредвидливите временски услови, што пак се последица на глобалното затоплување. „Оваа година бевме сведоци на поплави во Јужна Америка, Африка и во Мексико, во кои загинаа повеќе од 250 милиони лица“, изјави директорката на Оксфам Барбара Стокинг. Според Стокинг се почести се непредвидливите и екстремни временски состојби во кои гинат се повеќе луѓе. Бројот на луѓе, кои се погодени со овие промени, се зголемил за 68%, односно годишниот просек од 174 милиони лица за периодот 1985-1994 година се зголемил на 254 милиони лица во периодот 1995-2004 година. „Сега треба да се преземе акција со цел да се подготвиме за новите катастрофи. Во спротивност ќе биде тешко да се пружи адекватна помош, а по неодамнешниот напредок во развојот ќе настапи уназадување“, нагласи Стокинг. Оксфам бара од конференцијата на ОН за климатските промени, што ќе се одржи во декември на Бали, да почнат преговори за помош на земјите во развој при нивното справување со последиците од климатските промени, како и намалувањето на емисиите на гасови што имаат ефект на стаклена градина.
|