|
Чоколадото, во кое ужива целиот свет, е старо 3.100 години и потекнува од централна Америка, но во почетокот не било ценето како слатко задоволство, туку како напиток сличен на пивото и статусен симбол.
Научниците денес оценуваат дека какаото, од кое се прави чоколадото, луѓето почнале да го преработуваат половина милениум порано отколку претходно се мислело. Во остатоци од грнци стручњаците откриле остатоци од хемиски состојки, кои исклучиво се наоѓаат во билката какао. Пронајдени се во земјени садови од околу 1100 година п.н.е, во Пуерто Ескондидо во Хондурас, наведува „Ројтерс“. Откритието сведочи дека какаото во Америка се користело многу порано, околу 500 години порано, отколку што се мисли. Се разбира, многу порано од доаѓањето на европските освојувачи на американско тло, кои од какаото направиле основа за индустриското чоколадо. Семето од билката какао се употребувало за правење напиток кој се пиел на свеченостите на елитата на Астеките и другите средноамерикански цивилизации. Семките се користеле и како пари. Шпанските конквистадори, кои го уништиле царството на Астеките во 16-от век и го донеле какаото во Европа, откриле напиток кој се служел во царските палати. Меѓутоа, какаото не изгледало како сега. „Тогашниот напиток од какао, кој се појавил во Пуерто Ескондидо, се правел со ферментација на слатката кора од семките на билката“, велат научниците во истражувањето објавено во американското списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“. Научно е докажано дека чоколадото има позитивно дејство врз човековото здравје. Неодамнешната студија открива дека две коцки црно чоколадо дневно, што е околу 30 калории, можат да го намалат крвниот притисок, а притоа и не дебелеат. Веќе е познато дека чоколадото во мали количини е здраво, но се до сега не се знаело дека црното чоколадо, богата со какао и помалку шеќер и маснотии, може да го намали притисокот. Какаото е билка богата со антиоксиданси, а содржи и полифенол, многу јак антиоксиданс, кој се наоѓа во бројни билки и овошје, како што е грозјето. Полифенолот има особина да ги опушта артериите и со самото тоа и притисокот во нив.
|