Компакт диск со ромски верзии на европската химна, меѓу чии главни промотери е и македонската пејачка Есма Реџепова, вчера беше претставен во седиштето на Советот на Европа во Стразбур.
Музичкото издание е дел од кампањата „Доста!“ во организација на Советот на Европа, чија што цел е подигање на свеста и промена на менталитетот и пристапот кон Ромите. Тие се присутни во скоро сите земји членки на Советот на Европа, а во некои од земјите сочинуваат и пет отсто од вкупното население. Голем број од Ромите живеат во тешки услови, а нивното учество во јавниот живот е ограничено. Преку кампањата „Доста!“, Советот на Европа сака да покаже дека статусот на Ромите како граѓани и нивниот пристап до основните права мора да биде признат, како и фактот дека ромската култура го збогатува европското општество. Кампањата е дел од заедничката програма на Советот на Европа и Европската комисија која започна во 2006 година. Таа се води во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.
|