|
 Бакингамската палата денес објави слики по повод дијамантската свадба на кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг Филип. Сликите, меѓу кои е и онаа на која се гледа како кралицата го гледа сопругот во очи додека стојат рака под рака, се сликани во почетокот на годината во Бродлендс, на имотот во јужна Англија каде ја поминале првата брачна ноќ во 1947 година.
Најстариот син на кралицата, принцот Чарлс, вечерва ќе биде домаќин на банкетот во чест на родителите, во очи на годишнината од венчавањето во вторник. Елизабета Втора, која е на престолот на Обединетото Кралство од смртта на својот татко кралот Џорџ Шести во 1952 г одина, е првиот британски монарх кој слави дијамантска свадба. Принцезата Елизабета имала 21 година кога на 20 ноември 1947 година во Вестминистерската опатија, се омажила за младиот морнарички офицер, 26-годишниот поручник Филип Маунтбатен. Во понеделник, во Вестминистерската опатија ќе биде одржана служба по повод кралскиот јубилеј, на која ќе присуствуваат повеќе од 2.000 луѓе, меѓу кои ќе бидат и членовите на кралската куќа и премиерот Гордон Браун. Молитвата ќе ја чита надбискупот од Кентербери Роун Вилијамс, а глумицата Џуди Денч ќе прочита стихови кои за таа прилика ги напиша дворскиот поет Ендру Моусн. На списокот на поканети се и 20 „обични“ британски парови кои се венчале на истиот ден кога се венчале и кралицата и принцот.
|