|
Американскиот актер Ричард Гир е годинашен добитник на престижната награда „Меријен Андерсон“, што ја доделува градот Филаделфија на уметниците чија работа придонесува за хуманоста.
Наградата, која го носи името на познатата американска оперска пејачка од 30-тите години на минатиот век, му е доделена на Гир поради неговата хуманитарна работа на Тибет во корист на заболените од Сида. „Не можам да ви опишам како се чувствувам. Моето срце е преполно“, изјави Гир (58), примајќи ја наградата вредна 100.000 долари, која му е врачена денеска на гала прием. Како приврзаник на будизмот, актерот веќе 30 години промовира независност на Тибет од Кина, а е и основач на добротворна организација за нега на болните од Сида, како и Фондација која помага во разни хуманитарни работи. Меријен Андерсон е првата црна уметничка која настапи во Белата куќа во 1939 година и во „Метрополитен операта“ во Њујорк во 1955 година.
|