Македонската репрезентација назадуваше за цели осум места на најновата ФИФА ранкинг листа објавена во текот на вчерашниот ден. Сега Македонија е на 75. место со 423 ФИФА поени на своето "конто", што е огромен пад ако се споредува нашиот ранкинг на почетокот од годинава (во март) кога бевме на 49. место.
Зачудувачки меѓутоа пред нас сега на листата е и репрезентацијата на Ст. Винсент и Гренадите(?!) која има 428 поени. Од селекциите кои се во нашата Е група за пласман на ЕП 2008 во Австрија и во Швајцарија , Хрватска сега е најдобропласирана, на 10. место, пред Англија, која е на 11. позиција. Русија напредуваше за десет позиции и во моментов е на 16. место на листата со 960 поени, додека Израел е на 37. место со 707 поени.
Промена има и на врвот на листата. Водечка, сега е репрезентацијата на Аргентина пред Бразил и Италија, која по подолг период го препушти водечкото место.