|
„Удирањето во лице е забрането, дури и кога станува збор за животните. Значи, ударот треба да биде лесен и не во лице“, им објаснил саудискиот „Доктор Фил“, доктор Мухамед Ал Арифи на тројца мажи за да знаат како правилно треба да се третираат идните сопруги.
Американската ТВ станица „Фокс“ го пренела овој прилог емитуван на саудиска, кувајтска и либанска телевизија, во која Ал Арифи дава совети за успешни семејни односи. „Опоменете ја сопругата еднаш, два пати, десет пати. Ако тоа не помага, одбијте да го делите креветот со нив, а ако и тоа не помогне, тогаш жената треба да се истепа“, вели Ал Арифи, објаснувајќи дека сопругата треба да се тепа по деловите од телото на кои нема да има никаква штета. „Не смеат да се тепаат како што се тепаат животните или децата, со шлаканици. За жал, многу мажи ги тепаат своите жени само кога ќе се налутат и кога ќе почнат да удираат, тоа е како да удираат во ѕид - со раце, нозе. Брат, тоа е човечко суштество што го тепаш. Тоа е забрането. Тоа не смее да се прави“, додава Ал Арифи.
|