Лубениците и дињите повеќето од нас ги сметаат за вкусно овошје, но притоа грешиме - лубениците и дињите не се овошје туку зеленчук, блиски роднини на тиквите и краставиците. Што и да се, благоста и пријатниот освежувачки вкус никој не може да им го оспори, како ни вредните состојки. Спротивно на установеното мислење дека главно содржат вода и шеќер, лубенциите и дињите имаат низа корисни состојки, благотворни за организмот.
Иако во ботаничка смисла се зеленчук, во гастрономска смисла лубениците и дињите можеме да ги сметаме за овошје, и тоа она со најмалку калории.
Лубеницата не може да се конзервира, да се суши ниту да се замрзнува, затоа добро искоритете ја нејзината сезона која е на врвот. Слатки и сочни, лубениците се идеален летен десерт. Од нивниот сок може да се подготви сируп, додека корките се преработуваат во џем.
Најголемиот процент од делот кој се јаде е вода, но богата со витамини, минерали и други хранливи состојки. Да го споменеме само изобилството на витаминот Ц, витамините од групата Б, каротинот, калиумот, магнезиумот, фосфорот, органските елементи... Лубениците и денес се препорачуваат како помош при уринарните инфекции, тие ја поттикнуваат работата на бубрезите и на некој начин го чистат организмот. Поради своите состојки поволно влијае и врз изгледот на кожата.
Дињата има слични особини како и лубеницата. Богата е со витамин Ц, а оние портокаловите изобилуваат со витамин А, така што слатката и сочна диња, исто така, е многу важна за човековиот организам. И лубениците и дињите, велат стручњаците, добро е да се јадат, на пример, за ублажување на последиците од хемотерапијата. Освен како одлично летно освежување, дињата може да се користи и на безброј начини. Главно ги откриле Французите (а кој друг ако не тие), кои дињите ги ставаат во супите, во палачинките, а подготвуваат и солени и зачинети јадења со диња. Ако сé уште не сте пробале, тогаш секако пробајте ги со пршута! Ако не сте толку гастрономски освестени, освен во свежите плодови, можете да уживате и во сушените семки.
И совет за крај: свежите дињи лесно упиваат мириси од околината, затоа во фрижидерот чувајте ги завиткани во пластична фолија.
|