Од наредната година работниците ќе добиваат бруто-плата. Хранарината и превозот ќе се укинат како термини, а парите за овие додатоци треба да влезат во бруто-платата која ќе ја добиваат работниците.
Новиот модел на плати го прифати Социјално-економскиот совет и деновиве треба да биде ставен на разгледување пред Владата. Според предвидената динамика, бруто-платата треба да стартува од април 2009 година. Дотогаш треба да се смени Законот за работни односи и сите колективни договори кои ги потпишале синдикалците со работотдавците и Владата. "Македонскиот систем на плати мора да се изедначи со земјите во Европската унија", велат од Министерството за финансии. "Придонесите за пензиско и за здравствено осигурување ќе се пресметуваат на бруто-плата каде што ќе бидат вклучени и хранарината и превозот. Обврзник за плаќање на придонеси ќе биде самиот работник, но ќе ги уплаќа работодавецот од името на работникот", објаснуваат во Министерството. Целта на Владата е хранарината и превозот да се интегрираат во бруто - платата, бидејќи во реалноста тие најчесто се исплаќаат во готовина, а не како топол оброк, односно со текот на времето ја изгубиле вистинската функција. Исто така, нивното неоданочување е злоупотребено од некои работодавци кои, всушност, ја заменуваат платата со хранарина и превоз. "Од 1 јануари 2009 година ќе се намали стапката за социјалните придонеси. Значајна промена е и тоа што наместо да постојат три поединечни закони за социјално осигурување, ќе се подготви еден нов закон за придонеси од социјално осигурување, со што ќе се обезбеди целосна усогласеност на основицата за плаќање на придонесите, а работниците ќе ги добијат сите информации со увид само во еден закон", објаснуваат предлагачите.
|