Рускиот претседател Дмитриј Медведев изјави дека неговиот претседателски мандат ќе има поинаков тон од осумгодишното владеење на неговиот претходник и ментор Владимир Путин. "Целите на развој на Русија не се менуваат - сакаме да создадеме земја со добра, силна економија", рече Медведев по повод самитот на Групата Г8, идната недела во Јапонија. "Кога станува збор за нијансите, секако дека тие се менуваат", рече во интервјуто чиј транскрипт е објавен на интернетските страници на Кремљ и додаде дека "ќе се сменат и акцентите на внатрешната и надворешната политика". Медведев изјави дека се залага за поголема политичка конкуренција, најавувајќи со тоа дека Кремљ би можел да ја ублажи својата доминација над политичкиот систем воспоставен за време на неговиот претходник кој беше шпион на КГБ.
Меѓутоа, 42-годишниот поранешен адвокат истовремено предупредува дека претворањето на Русија во парламентарна демократија и намалувањето на претседателските овластувања, би било опасно, објави вчера хрватски "Дневник". "Сметам дека воспоставувањето на парламентарната демократија на територијата на Руската Федерација би значела смрт на Русија како на земја", рекол Медведев. "Русија уште многу десетлетија, можеби и столетија, мора да остане претседателска република за да се сочува државата обединета. Путин, пак, се залага за поголемо влијанието на Парламентот. Се разбира, не случајно: тој сега е премиер и лидер на партијата Обединета Русија која има мнозинство во Парламентот. Инаку, по повод одржувањето на самитот на групата Г8 во Јапонија, на кој прв пат ќе се сретне со британскиот премиер Гордон Браун, Медведев навести дека е подготвен да ги поправи односите со Велика Британија, пишува "Гардијан". Тој ја посочил подготвеноста на Москва да прекине со расправиите и недоразбирањата, како и дека треба се повлече црта под годините кога во Кремљ беше Владимир Путин. Рускиот претседател Дмитриј Медведев ја прифати вчера оставката на еден од најбогатите Руси, Роман Абрамович од функцијата гувернер на Чукотскиот автономен округ, пренесе МИА. За вршител на должноста гувернер на Чукотска е именуван Роман Копин. Абрамович (40) на функцијата гувернер на Чукотска е избран на 24 декември 2000 година, освојувајќи повеќе од 90 проценти од гласовите и повторно во октомври со одлука на Думата на Чукотска, а на препорака на претседателот е поставен на истата должност. Тој е основач и коосновач на повеќе од 40 компании, а во јули 2003 година го купи англискиот фудбалски клуб "Челзи". Со богатство проценето на 13,3 милијарди долари, тој е најбогатиот човек во Русија и 21-от од 691 милијардер во светот.
|