Изгоре автобус на „Берово транс“, што предизвика пожар на 20-ина хектара посеани со пченица во Велешко. Екипите на противпожарната единица од Велес се на терен и го гаснат пожарот, што поради силниот ветер се прошири кон викенд куќичките и кон селото Каласлари.
Според СВР Велес, пожарот полека се локализира, но екипите и понатаму ќе останат на терен. Пожарот попладнево околу 14 часот кај месноста Ново Село, кај Велес, започна од автобус на „Берово транс“ што се движел на магистралниот пат Велес-Штип. Пламенот во задниот дел на автобусот го забележале кондуктерот и возачот, по што сите 25 патника веднаш биле изнесени надвор. Никој од нив не е повреден. „При самото возење автобусот од искри позади моторот пламна одеднаш. Пробавме со противпожарни апарати да го изгаснеме и други апарати најдовме, уште три-четири, чекавме да дојде противпожарна околу половина час, после од автобусот се запали житото до патот. Автобусот изгоре цел“, рече Славчо Белчовски, кондуктер во автобусот. Возачот и совозачот на автобусот ја обвинија противпожарната единица од Велес дека на повикот одговориле со задоцнување од 20-ина минути, поради што и дошло до ширење на пожарот. Засега, велат од СВР Велес, не може да се утврди точно колку хектари се зафатени, а штетата од пожарот дополнително ќе се утврдува, како и причините за него.
|