Победник на последното 15. издание на фестивалот "Песна на медитеранот 2008", што се одржа во Будва е младиот Иван Чановиќ. Како и изминатите години во трката за премијата од 15.000 евра влегоа многу познати изведувачи, но фестивалот го одбележа и скандал кој фрли темна дамка и го постави прашањето за понатамошно учество на домашните музичари.
Проблемот се појави откако за време на настапот на Калиопи на екранот до нејзиното име нашата земја беше напишана како БЈРМ. Објаснувањето на организаторите, кои подоцна и официјално преку водителот Оливер Млакар се извиниле, е дека се работело за случајна техничка грешка поради преземањето на податоците од интернет. Калиопи, иако, за жал, не успеавме да добиеме официјална потврда од неа, според пишувањата упатила протесна нота и се заканила дека ќе си замине ако не се исправи грешката. Својот револт поради нанесената неправда го искажа и Дарко Димитров, кој ни рече дека можноста при излегувањето на сцената да ја прими статуеката за најдобар аранжман за темата со која настапи Ламбе Алабакоски, ја икористил да каже дека доаѓа од Македонија. "Калиопи и Иво Јанковски веднаш реагираа, но вистински грешката беше исправена дури за време на настапот на Тамара. Не знам и навистина не ми е јасно што точно се случи, но се е малку сомнително", изјави за ВЕЧЕР Димитров. На фестивалската сцена публиката, инаку имаше можност да ги види Северина, латино заводникот Хулио Инглесијас, годинешниот израелски претставник на Евровизија Боаз Мауда, Кемал Монтено, Тијана, Горан Каран, Маја Оџаклиевска...
|