Се чини дека веќе одамна зачекоривме во летото, иако пред официјалниот старт на најтоплата сезона не делат нешто помалку од 24 часа. Сонцето се повеќе пече, па не е ни чудно што се почесто посегнуваме кон некои слатки задоволства само за да се освежиме и за да си го подигнеме расположението.
Признајте дека уличните фрижидери со сладолед се повеќе ве мамат. Веројатно и денеска, секогаш кога ќе купите сладолед, без разлика дали е на стапче, корнет или во чаша, ви се враќа сликата од детството и моментите кога вашата мајка ви велела да не јадете пребрзо или премногу за да не го настинете грлото. Сладоледот е ладен десерт, кој е комбинација од млечни производи и вештачки и природни ароми, а честопати со додатоци на чоколадо, желе и овошје. И додека уживате во лижењето, не сте ни свесни дека токму овој ладен десерт го ублажува стресот, а воедно го намалува и ризикот од цела низа на заболувања кои се последица на лошата психичка состојба.
Благодарение на модерната технологија, денеска сите видови на сладолед се прават од квалитетна павлака. Така преку павлаката нашето тело добива калциум, кој игра особено важна улога во јакнењето на коските. Токму поради тоа доколку не сакате да јадете млечни производи и да пиете млеко, сладоледот ќе биде вистинскиот избор за вас. Со него ќе ги надоместите дневните потреби за калциум.
За разлика од нас Русите сладолед јадат во зимскиот период. Можеби не сте знаеле, но британската премиерка Маргарет Тачер, по занимање е технолог, а својата кариера ја започнала со пронаоѓањето на хемиското соединение кое денеска се додава во сладоледот за да биде покремав.
|