Влезниците за журката со светската ѕвезда Лени Кравиц закажана на 3 август, на стадионот "Билјанини извори" во Охрид, од вчера се пуштени во продажба. Може да се набават по цена од 1.000 денари, а има билети и од 1.200 денари кои се за во ВИП делот, односно за седење.
На барање на фановите на Лени ќе има специјален простор за нив пред самата сцена, а од тоа место гледањето на концертот ќе чини 1.500 денари. Цената од 1.000 денари или околу 16 евра е најниска на целата турнеја која опфаќа над 100 концерта на рокенрол херојот. Кравиц, кој се нарекува себеси министер за рок-музика, на светската турнеја го промовира седмиот по ред албум "Време е за љубовна револуција" (It's time for a love revolution). Турнејата завршува на 1 ноември во Калгари. Албумите на популарниот музичар препознатлив по рефрените "Let love rule", "Mama said", "Are You gonna go my way" се продадени во над 20 милиони копии, а тој има освоено многу музички признанија, меѓу кои се и неколку статуетки "Греми" за најдобар рок-изведувач.
|